Бадниково Лепче со паричка:Традиционален рецепт меко како душа

Бадниково Лепче со паричка:Традиционален рецепт меко како душа
Лепче со паричка за Бадник може да се најде во секоја продавница или маркет, но традицијата вели дека тоа треба да се приготви дома.

Ова е мојот рецепт за лепче со паричка што го користам секоја година, успева секогаш, а не одзема премногу време.

Бадник отсекогаш, барем за мене, бил еден од најубавите празници. Тоа е денот кога домот мириса на прекрасна храна, семејството е на купче, а дополнително задоволство е и ако ми се падне паричката.

Во продолжение погледнете лесен рецепт за лепче со паричка, а одлуката е ваша дали ќе се обидете сами да го замесите или ќе одите да купите од продавница.

Сѐ на сѐ, за подготовка на лепчето потрошив малку повеќе од 2 часа, но со оглед на тоа што околу еден час од тоа време го поминав во чекање (да стаса тестото) успеав да се опуштам и да изгледам и некоја епизода од серијата.

Сепак вкусот и мирисот на домашно лепче е незаменлив, нели?Еве како изгледаше процесот на подготовка:

Потребни состојки:

  • 200ml млака вода
  • 5g сол (мала рамна лажичка)
  • 5g шеќер (мала рамна лажичка)
  • 10g свеж квасец
  • 450g брашно (дополнително за набрашнување на работната површина и плехот)

Начин на подготовка:
Во длабок сад се става млака вода, а потоа се додава сол и шеќер. Се меша со лажица додека солта и шеќерот не се стопат.Во растворот се додава квасец и се меша додека не се добие еднаква смеса.

Брашното се додава постепено во водата со квасецот и се меша, за да не се направат грутки.Се замесува меко тесто, кое не треба да се лепи на прстите.Замесеното тесто се посипува со малку брашно, се покрива со крпа и се остава да отстои 20-тина минути на собна температура.

Тестото се вади на набрашнета површина.
Паричката претходно се мие и се обложува со алуминиумска фолија и се вметнува во тестото кое потоа се обликува во форма на лепче.
Готовото лепче се става на набрашнет плех и се остава да стаса околу 50 до 60 минути на собна температура.

Во меѓувреме рерната се загрева на температура од 200 степени Целзиусови.Стасаното лепче се пече на температура од 200 степени околу 30 до 35 минути или додека не добие златно кафеава боја. Притоа, рерната треба да биде вклучена само со горен и долен грејач, без вентилатор.
Откако ќе се испече лепчето, се покрива со чиста крпа и се остава да се олади.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *