Што да направите кога мувла ќе ви ги нападне домашните растенија?

Што да направите кога мувла ќе ви ги нападне домашните растенија?
Повеќето љубители на растенијата знаат како да се справат со појави како жолти и овенати лисја – во повеќето случаи тоа е премногу или премалку вода. Но, што правите кога се соочувате со покомплициран проблем како што е растењето мувла во собните растенија?
Растенија на кои им расте мувла на лисјата или на земјата веројатно повикуваат на помош и испраќаат сигнал дека добиваат премногу вода и/или недоволно сонце“, објаснува Кејти Дубу, експерт за растенија и сопственичка на Garden Media Group.

Иако на почетокот овој проблем не изгледа толку страшен, мувлата на растенијата може да биде опасност за луѓето склони кон алергии, но и опасност за другите растенија во домот. Но, нема потреба за паника бидејќи постои лесно решение – еве како, според стручните совети, да се решите од мувлата на вашите растенијата.
Чекор 1: Ослободете се од постоечката мувла

Започнете ја операцијата за отстранување на мувлата со тоа што прво ќе го изолирате заразеното растение од другите растенија во домот бидејќи мувлата може брзо да се шири од еден сад во друг. Потоа, во добро проветрена просторија, изгребете ги горните неколку милиметри земја. Ако мувлата е релативно нова и неодамна формирана, тоа треба да биде доволно. Доколку мувлата навлегла подлабоко од 2 сантиметра во земјата или се врати по неколку недели отако сте ја отстраниле, неопходно е растението да се пресади со органска почва направена само за домашни растенија.

Пред да го пресадите растението исчистете ја внатрешноста на саксијата со детергент за садови, посипете сода бикарбона и вода. Сода бикарбоната ќе делува како благ абразив за стругање на мувлата од внатрешноста на саксијата. Оставете ја саксијата целосно да се исуши, а потоа испрскајте ги заразените лисја со вода пред да ги избришете секој поединечно со хартиена крпа (користете нова крпа за секој лист за да спречите ширење на мувлата). Исечете ги сите кафеави или мртви лисја и фрлете ги в ѓубре; попрскајте ја долната страна од останатите листови со органски фунгицид.

„Многу е лесно дома да се подготви домашен фунгицид. Измешајте една лажица сода бикарбона, половина лажичка течен сапун, една лажица градинарско масло и 3,8 литри вода. Не го изоставувајте маслото, бидејќи тоа ќе помогне смесата да остане на земјата. Оставете ја почвата целосно да се исуши пред повторно наводнување и држете го растението изолирано неколку недели за да не се врати мувлата“, вели Дубу.
Спречете го повторното појавување на мувлата

За да се спречи појавата на досадната мувла, неопходно е да се постави добра основа за домашните растенија. „Започнете со висококвалитетна почва за саксии. Имено, понекогаш земјиштето во кое се засадени растенијата не е со најдобар квалитет. Пресадете ги веднаш штом ќе стигнете дома и внимавајте на тоа кое растение каков вид е за да знаете колку вода и светлина им треба – тоа ќе ги одржи здрави. Можете и да измешате малку цимет во најгорниот слој а земјата бидејќи делува како природен фунгицид“, вели Дубу.

Кога станува збор за наводнување, наводнувајте ги растенијата само кога почвата е сува на допир – и наводнувајте ја само почвата, а не лисјата на растението. Имено, мувлата расте кога растението е постојано влажно или лежи во вода. Исто така, секоја саксија треба да има дупки за одводнување на дното – ставете ги саксиите на отстранлива чинија за да се истури вишокот вода во неа, а потоа отстранете ја таа вода 30 минути по наводнувањете. Често отстранувајте ги скапаните лисја и стебла од растението и погрижете се да има доволно циркулација на воздух. Растенијата кои добро го поднесуваат сонцето може да се стават на прозорец свртен кон југ каде што цел ден ќе имаат силно сонце.
Дознајте дали мувлата на вашето растение е опасна

Според експертите за растенијата, белата мувла на површината на почвата е веројатно сапрофит, кој е безбеден за вас и за членовите на семејството. Прашкастата мувла на лисјата исто така не е штетна за луѓето или за домашните миленици, но доколку сте исклучително чувствителни на мувла или имате алергии, не се препорачува да ризикувате.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *